Ќе се уреди ли некогаш паркингот кај капелите на градските гробишта Бутел?

Погреби на блиските и помени во спомен на починатите не се единствени тешки моменти со кои се соочуваат скопјаните при одењето на Градските гробишта Бутел. Таму, веќе со години вистинска мака е и паркирањето на автомобилите со кои доаѓаат граѓаните на најголемите градски гробишта кои не се толку блиску до централното градско подрачје. Не толку голем просторот предвиден за паркирањето на возилата и сега е во крајно лоша состојба. Најголемиот дел од асфалтот кој што порано беше поставен веќе е искорнат поради што сега има голем број на дупки, теренот е полн со камења, земја, прашина, кал… Сето ова претставува голема пречка и проблем за граѓаните кои ризикуваат да ги оштетат автомобилите и кои ионака имаат голем проблем како да ги паркираат возилата на тесниот простор.

Истовремено, бројните тезги за продавање на цвеќе го отежнуваат и влезот на автомобилите на овој простор.

Крајно време е ваквата состојба да се подобри. Надлежните од општина Бутел и од Градските гробишта треба да најдат решение за овој проблем. Просторот треба да се преуреди, да се асфалтира и одбележи, на тезгите за продавање на цвеќињата треба да им се најде друга локација… за да паркингот ја има вистинската функција. Одозгора, пак, вториот паркинг, кој е лоциран кај главниот влез одамна е претворен во дива депонија. Граѓаните бараат достоинствен однос кон нив посебно во моментите кога тука доаѓаат за да се простуваат од своите најблиски. Вака, само си доживуваат дополнителни трауми.

Претходна вестСиљановска Давкова од Самитот на иднината во ООН: Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН
Следна вестГолема победа за Вардар во Кавадарци, Шкендија според планот, Шкупи го преслуша шампионот