-Најавуваа дека ќе се работи интензивно, дека работите ќе бидат завршени до крајот на годината. Еве, доаѓа и есен, а на градилиштето одвај да се забележуваат работниците. Ние и натаму возиме бавно. Како тогаш мислат да ја завршат до крајот на годината?, вели еден возач кој често ја поминува оваа делница.
Реконструкцијата и проширување на коловозот на оваа делница се претвори во маратон на којшто постојано му се оддалечува целта. Кога започна со градежните работи пред три години обновата на по пет километри од автопатот во двата правци се најавуваше дека брзо ќе биде готова.
Но, што за властите е брзо?
Потоа, надлежните долго чекаа да се раскине договорот со изведувачот, па се чекаше на распишување на тендерот за нов, па тој се воведуваше во работата, за да во април годинава работите на реконструкцијата одново тргнат. Тогаш и министерот за транспорт Благој Бочварски и премиерот Димитар Ковачевски изјавуваа дека работите ќе бидат забрзани. Министерот Бочварски пролетва дури и постави рок дека најдоцна до декември годинава граѓаните ќе можат пак да возат по обновениот и проширениот коловоз. Оттогаш, меѓутоа, не спомна дали работите одат како што е предвидено…
Се доаѓа ли пак во ситуација да има проблеми, а времето да си врви?
На граѓаните, очигледно, не им останува ништо друго туку да внимаваат како возат и да мерат колку рекорди во пролонгирањето на реконструкцијата и трошењето на државните пари ќе бидат соборени.