Ќе тргне ли некогаш обновата на Старата железничка станица во Скопје?

Симболот на сеќавањето на катастрофалниот земјотрес од 1963 година, едно од напрепознатливите обележја на градот, објект прогласен за значајно културно наследство, Старата железничка станица во Скопје е во незавидна состојба. Ѕидовите кои навлажнуваат, дотраени ролетни, кабли што висат, купишта отпадоци наоколу, лимени тараби од се уште незавршениот трговски комплекс околу Станицата… се само дел од недостојниот изглед на овој објект кој има големо значење за македонската метропола. Тоа можевме да го забележиме при денешната обиколка на објектот на кој, очигледно, му е потребна поголема грижа.

Околу Станицата се уште стојат лимените тараби од градбата на новиот трговски комплекс. Тарабите, градежен шут и ѓубре го оневозможуваат пристапот но и глетката кон јужниот дел на Станицата на чиј ѕид е испишана познатата порака на тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито дека Скопје ќе биде повторно обновено. Во тој дел има цели купишта отпадоци, а веќе практично е и невозможна видливоста на пораката која предизвика бран на светската солидарност во обновата на разурнатиот град. Прашање е до кога овој простор ќе има ваков грд изглед и попречен пристап?

На ѕидовите на објектот веќе се забележуваат оштетувањата кои што ги предизвикува влагата, како и дотраеноста на целата фасада… Се чини, прашање на времето е само кога на зградата ќе почнат да се случуваат поголеми оштетувања?

Сето ова го отвора прашањето дали некогаш ќе тргне обновата и реконструкција на Старата железничка станица? Односно, дали надлежните го планираат тоа со оглед дека веќе завршува изградбата на блискиот трговски комплекс кој значително го задуши просторот околу ова спомен-обележје на скопскиот земјотрес. Ваквата состојба во која таа се најде 61 година по катастроалниот земјотрес е недостојна.

Претходна вестЗапален автомобил предизвика пожар на рид
Следна вест„Левица“: Весна Јаневска ќе штанца закони побрзо од Мила Царовска