Ќе запрат ли партиските вработувања: Со закон ќе мора да се вработи прворангираниот на конкурс

Вработување на најдобриот кандидат кој преку јавен оглас конкурирал за работно место во јавниот сектор – односно во образование, здравство и култура се озаконува со новиот Закон за вработување во јавен сектор кој го подготви Министерството за информатичко општество и администрација. Предлог законот во вторник на седница на Влада се очекува да се усвои, а потоа ќе оди пред пратениците во Собранието, по скратена постапка и со европско знаменце. МИОА за овој закон веќе доби виза од странските експерти и од европските институции, исто како и за Законот за административни службеници кој меѓудругото ќе спречи злоупотреба на „балансерот“ при вработувањето на административците.

-Целта на МИОА е да креираме закони кадешто ќе ги дефинираме јасно процесите. Ние длабоко веруваме дека со јасно дефинирани процеси и процедури ќе ги намалиме тие злоупотреби. Исто така идејата е јавната администрација да биде оптимална и од аспект на број и од аспект на сервиси кои ги нуди за граѓаните и работиме паралелно и со овие законски решенија. Јас длабоко ве уверувам дека ќе биде подобрен тој процес но исто така и во дигитализација на процесите каде цело време велиме дека ќе бидеме и потранспарентни и ќе се намали таа корупција во јавната администрација, рече денеска министерот Азир Алиу на средбата со новинарите.

Според него, целта на Законот за вработување во јавниот сектор е да се спречи одлив на квалитетен кадар и задолжително да се избере најдобриот кандидат, транспарентно, а не како досега наместо оној со најмногу поени од врвот на ранг листата, работното место да го добие некој со помалку поени и квалитети.

-За првпат се воведува стриктна процедура за вработување на најдобриот кандидат бидејќи во претходниот закон функционерот имаше можност да го вработи вториот или третиот кандидат од листата на таа работна позиција. Вториот момент е тоа што се забранува можноста за вработување на определено време на раководни работни места во целиот јавен сектор и се забранува вработување преку Агенција за привремени вработувања. Со стариот закон тоа не беше забрането, рече министерот Алиу.

МИОА го регулираше и „балансерот“ со цел да ги спречи злоупотребите кои постоеја со менување на националноста на кандидатите за административни службеници па новиот Закон оневозможува промени во делот на „матичен број“ и на „националност“ откако веќе еднаш кандидатот ќе ги внесе во својот профил во системот за администрација.

-Кога веќе се креира профил на граѓанин во тој систем за да може да се полага испитот за администратори, тие полиња само еднаш може да се внесат и никогаш повеќе не се менуваат. Со ова ќе се избегне промената на националноста во системот за полагање на испити. Предвидовме и одвојување на испитот со постапката за вработување. Досега испитот се поврзуваше со огласи и вие полагавте испит тогаш кога гледавте дека има некој оглас. Сега испитот ќе може да се полага секоја недела во зависност од потребите на граѓаните, рече тој.

 

Министерот Алиу најави и интервенции во Законот за медиуми. Имено, според него, со промена во членот 101 и со додавање на член 101а и 101б се дефинира дека со 0,1 процент од буџетот ќе се имплементираат државни кампањи од интерес за граѓаните.

-Темите ги дефинираме, не смеат да бидат ниту политички ниту партиски и со нив сакаме да ги известиме граѓаните за процесите. Вториот момент е креирање на Комисијата која ќе биде составена од три члена од парламентарното мнозинство и три члена од опозицијата. Ние ќе продолжиме да работиме на овој закон бидејќи се уште ги немаме дефинирано ниту порталите ниту печатените медиуми како и други процеси. Ние сме во тек со локални и со надворешни експерти и многу брзо ќе имаме измени во некој член од овој закон се со цел да биде целиот еко систем во медиумите вклучен, да имаме законско решение за сите процеси. Знаете дека денескаа имаме неколку начини како комуницираме со граѓаните и тие мултимедијални канали за комуникација и многу малку или воопшто не се опфатени во законот, рече министерот.

Измените во Законот за медиуми предвидуваат средствата за јавни кампањи да се распределат 65 проценти на национално ниво, 25 проценти на регионално и 10 проценти на локално ниво. Министерот уверува дека во овие измени прецизно е дефинирано што е кампања, а што државен интерес, а политичките партии преку Комисија консензуално ќе одлучуваат дали некоја државна кампања ќе се емитува или не.

Претходна вестМизрахи го најави стартот на Анкетната комисија: Вистината за скандалот на Онкологија ќе ја извадиме на видело, каква и таа да е!
Следна вестПо три години: До крај на овој месец ќе се пушти за сообраќај десната лента на автопатот Катланово – Петровец