Матичните лекари ќе добијат зголемена капитација, а пациентите проширена позитивна листа на лекови. Ова се дел од новините кои за идната година ги најави директорот на Фондот за здравството осигурување, Сашо Клековски.
Фондот за здравството осигурување има повеќе дилеми за тоа како да ја прошири позитивната листа, но приоритет ќе имаат лековите за кардиоваскуларни болести, оти како што рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, тие се причина за 60 отсто од смртните случаи во земјава.
Тој истакна дека лековите кои во моментот се поевтини од една кутија цигари и чинат од 50 до 100 денари, не би требало да бидат на позитивната листа.
-Треба да се ослободат средства за понови и поскапи лекови. Говорам за таму каде што товарот врз граѓаните е поголем. Според проценката од СЗО, 65 отсто од потрошувачката на лекови е платена од џебот на граѓаните. Тој процент мора да го намалиме, но и тука ни треба стратегија, рече Клековски на брифинг со новинарите.
Од ФЗО најавуваат и поскапување на специјалистичките прегледи, иако како што велат, тоа нема да биде радикално.
-Цената на основен специјалистички преглед е 280 денари и таа е цената од пред повеќе од 10 години. Разгледуваме неколку опции. Цената нема да порасне како во приватните болници, но зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 до 15 денари, изјави директорот на ФЗО.
Во меѓувреме, Фондот и Министерството за здравство со поддршка од ЕУ преку нова стратегија ќе го решаваат проблемот со недостиг на кадри, особено во внатрешноста. На здравствените установи не им недостигаат само лекари и медицински сестри, туку и болничари и хигиеничари, но ретко кој сака да работи на овие позиции.
Според Клековски, неминовна ќе биде и регионализацијата, а тоа ќе значи функционирање на поликлиниките надвор од Скопје како дневни амбуланти. Болнички капацитети пак, ќе има само во неколку поголеми регионални центри.