Организациска директорка на Клиниката за онкологија Виолета Клисаровска денеска изјави дека во февруари годинава во клиниката била извршена кражба од страна на една медицинска сестра. На прес-конференцијата со министерот за здравство Фатмир Меџити за случувањата на Онкологија таа рече дека сестрата потоа се дрзнала да направи и втор обид за кражба.
– На 28 февруари сестрата се дрзна да направи кражба, таа беше отстранета. На 6 март таа доби од нас писмен допис за отстранување од работно место, а поради административни процеси на 23 мај 2023 ѝ беше испратено отказното решение. Беше фатена во повторен обид и беше отстранета од нашата клиника со отказно решение. Во повторениот обид за кражба не станувало збор за кражба на скап лек но за мене е исто дали ќе украдат шише со физиолошки раствор или најскапиот лек, рече Клисаровска.
Таа додаде дека медицинската сестра работела во дневната болница и не била директно поврзана со растворањето на лековите. Сега до лековите пристап имаат ограничен број сестри, кои се менуваат секој ден. Влезот до лековите е строго ограничен и е отворен само за оние кои доаѓаат во допир со нерастворен лек.
Според директорката на Онкологија во последнава година драстично е зголем бројот на пациенти со малигни заболувања поради што граѓаните мораат да чекаат со часови додека дојдат на ред за својата терапија.
– Нашата клиника е единствена јавна установа која го носи целиот товар за здравствена грижа на ваквите пациенти. Од 2017 имаме значајно зголемување на пациенти и оваа година ќе го срушиме рекордот од над 5.000 нови пациенти во годината. Вкупно се реализираат околу 90.000 и повеќе прегледи годишно. Проблемот е тој, ние веќе и кадровски и просторно и финансиски имаме проблем поради зголемувањето на бројот на пациентите. Од ден во ден ни се зголемува квантитетот на работењето. Работиме со истиот персонал како во 2017 година кога сме имале двојно помалку пациенти на Клиниката. Сме разговарале со министерот да имаме некаква дисперзија на пациентите. Затоа кај нас Мој термин не може да постои. Невозможно е пациентите да добијат терапија без да причекаат, рече Клисаровска.
Министерот Меџити најави дека се разговара да се дисперзираат и кадрите и некои обврски од оваа Клиника во други градови.