Сите одлуки што Судскиот совет ги донел откако на чело застана Сашко Георгиев, од мај 2023 година до вчера, се ништовни, соопшти денеска невладината организација Коалиција „Сите за правично судење“.
– На 471 седница Судскиот совет констатираше престанок на мандатот на претседателот на Советот и ја спроведе одлуката на Управниот суд. Во оваа насока, сакаме да потенцираме дека ништовноста на одлуката за разрешување ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓудругото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател. Оттука нејасно е како Советот констатираше престанок на мандат кој се смета дека никогаш не започнал да тече, објави Коалицијата.
Довчерашниот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев вчера на итна седница поднесе оставка по сопствено барање, откако Управниот суд пресуди во корист на разрешената претседателка Весна Дамева, односно ја прогласи за ништовна одлуката за нејзиното разрешуваше што Советот ја донесе лани во мај. Советот вчера констатираше дека таа одлука е вон сила, а на сила останува одлуката со која Дамева е избрана за претседателка.
Во врска со пресудата на Управниот суд, Сашко Георгиев вчера кажа дека неговиот избор за претседател на Советот воопшто не бил предмет на оваа постапка, отфрлајќи ги тезите во јавноста дека како резултат на пресудата тој бил нелегитимен како претседател.
-Пресудата е веќе дадена пред јавноста, па може да се процени што и како е одлучено во пресудата. Со оваа пресуда е поништено разрешувањето на претходната претседатлека, а избраниот претседател од 4.5.2023 година е во сила и не е поништен овој избор, рече експретседателот на Судскиот совет.
Од друга страна, врзано за прашањето дали можат да бидат оспорени одлуките потпишани од Сашко Георгиев, Весна Дамева вчера рече дека не очекува да има дилеми. Ова од причина што Судскиот совет е колективно тело кое заедно носи одлуки, но, сепак, не исклучи дека и ова прашање ќе се анализира.