Коцевски одржа работна средба со раководителите на основните и вишите јавни обвинителства

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска одржа работна средба со шефовите на сите основни и виши јавни обвинителства, на кои им ги презентираше приоритетите од програмата за својот шестгодишен мандат.

Со особен акцент на транспарентноста и отчетноста, како основ за јакнење на самостојноста на јавните обвинители во постапувањето и за враќање на довербата во јавното обвинителство, Коцевски побара од обвинителите проактивно презентирање во јавноста на резултатите од работата по конкретни предмети. Во таа насока особено беше истакната улогата на основните јавни обвинителства, известува Јавното обвинителство.

Како што соопштуваат од Обвинителството, на средбата станало збор и за проблемите од финансиски аспект со оглед на фактот дека Јавното обвинителство не располага со целиот буџет и нема функционална независност на финансиските средства, недоволната материјална и кадровска екипираност на јавните обвинителства, но и за соработката со останатите институции. Јавните обвинители беа запознаени и со начинот и динамиката на функционирање на Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности во претстојниот изборен процес.

Претходна вестКоалиција „ВРЕДИ“: Ахмети ќе го жртвува Османи бидејќи се исплаши од Таравари
Следна вестЗа Маричиќ несериозно било да се продолжи важноста на пасошите