Колумна на Никола Тасев:
Во својот роман „Палатата на соништата“, албанскиот писател Исмаил Кадаре брутално опишал како делува тоталитарна држава, каде што граѓаните се под таква силна контрола, што морале секој ден, своите сонови да му ги раскажуваат на Султанот, за тој да ги толкува нивните намери. Страшна работа!
Во Македонија, денес, за среќа на нашите Султани се уште не им текнало да ни бараат да им ги раскажуваме соништата. Кај нас има слобода и демократија, па можеме слободно соништата да си ги сочуваме за себе. Но, затоа пак нашите Султани имаат потреба, преку своите везири, да ни ги раскажува нивните соништа. А бајаги сонуваат… особено пред секои избори!
Најновиот таков сон ни го раскажа министерот Османи минатата недела, кога го објави името на Талат Џафери како кандидат за Премиер на техничката влада, па ни раскажа што ново сонувал „Султанот“ Ахмети – Албанец за претседател на Македонија.
А Ахмети сонува многу, а и соновите претежно му се остваруваат. Во тоа несебично му помага и коалициониот партнер СДСМ. Иако, кога Ахмети сонува и го раскажува сонуваното, од СДСМ, на почеток се потсмеваат, па дури и ги загнуваат своите медиумски потрчковци и аналитичари да објаснуваат зошто сонот не е остварлив, сепак на крај тие си ја прифаќаат улогата на статисти во неговиот сон. Еве, за еден месец уште еден сон на Ахмети, сонуван пред 4 години – Албанец за Премиер, со помош на СДСМ, ќе се претвори во јаве.
А нови избори се ближат – новиот сон за Албанец за претседател на Македонија – веќе се раскажува.
Овие соништа не можам да ги осудам, ниту пак негативно да ги коментирам, оти тие се оправдани за секој политичар во Македонија. Секој сонува да биде нешто: министер, Премиер, Претседател… Освен можеби Ковачевски, кој пред две години, ни на сон не можел да помисли дека некогаш ќе биде Премиер.
Ама сакам да прокоментирам, кога бе тоа Ахмети ќе сони како албанскиот народ во Македонија има среќен, пристоен и достоинствен живот? Тоа е вистинскиот сон, а да не зборувам дека и за арното на Македонците и останатите кои живеат во земјава во тој сон мора да има место. И да се разбереме, притоа овде не мислам на вработувањата во администрацијата по етнички клуч, ниту пак на групата околу врвот на ДУИ кои се шетаат од една на друга функција во последните две децении. Мислам конкретно на животот на обичниот Албанец (а и Македонец) во Македонија како граѓани на нашата држава.
Е таков сон кога ќе сони Ахмети?
Тоа и е потребно на Македонија, таков сон е потребен и на Албанците и на Македонците и на Турците и на Србите… Македонија во која нема политичарите да сонуваат само фотелји и позиции, туку ќе сонуваат за економски стабилна држава со среќен народ, кој нема да бара прва прилика за да ги спакува куферите и да се иселува. Оти не се селат само Македонците, туку и Албанците масовно бегаат од државата. И Албанците се несреќни во живеачката во овие 20 години, додека нивната ДУИ е во власт а нивниот Ахмети нон – стоп сонува.
Оти новиот сон за Албанец претседател не е ништо друго, туку само уште една функција за некого од блиската екипа на Ахмети. А свежо ни е сеќавањето на паролота на ОБСЕ, додека Бујар Османи претседаваше – „Its about people“ или „За луѓето се работи“.
Е каде се во сонот на Ахмети – луѓето?
Неговите соништа за Албанци на најважните политичко-владеачки позиции во Македонија се остварија – видоа ли луѓето (народот) аир од тоа?