Во Македонија има патни делници кои се прават – поправаат со години. А не дека се нешто многу долги и тешки трасите.
Една од најлегендарните такви делници е дел од автопатот Катланово – Петровец. Веќе и најнезабореавните не паметат кога почна да се врши реконструкцијата? Три години ќе да има.
И еве сега да поминете на тој пат ќе видите дека работата не врви баш со некое темпо. На социјалните мрежи има многу реакции…
-Поминав денеска неколку пати и живо пиле нема. Сабајле дали едно четворица работници видов меѓу Петровец и Катланово, напиша деновове еден граѓанин.
И други граѓани сведочат дека на градилиштето не забележуваат поголем број на работници, а што се очекува со оглед дека пред неколку месеци одвај продолжи запрената реконструкција која претходно ја изведуваше фирмата „Бетон“. По раскинувањето на договорот со неа, Министерството за транспорт и врски ангажира друга странска фирма која има рок до почетокот на декември годинава да ја заврши целата обнова.
Во април годинава градилиштето го посети и премиерот Димитар Ковачевски кој тогаш изрази надеж дека градежните работи на делницата ќе бидат завршени во предвидениот рок.
–Се надевам и укажувам градежните работи за рехабилитација со проширување на двете ленти од коловозот на оваа автопатска делница да се реализираат уште пред предвидениот рок и со забрзана динамика најдоцна до декември годинава, како што е предвидено, рече тогаш премиерот Ковачевски.
Ќе биде ли така?
Инаку, маратонската реконструкција е само за десетина километри автопат. Што ли ќе беше ако е за 42 километри колку што е вистинскиот маратон?