Кога не се користат своите шанси: Македонија поразена од Украина   

Македонската фудбалска репрезентација претрпе пораз од Украина која забележа победа од 2:0 во натпреварот од 7. коло на „Ц“ групата одигран во Прага. Нашиот тим одигра храбро, имаше и многу шанси да извлече поволен резултат од овој натпревар, но едноставно немаше реализација.

Украина го почна натпреварот далеку подобро и тоа со две прекрасни шанси на Довбик и Мудрик, но Столе Димитриевски на нашиот гол прекрасно интервенираше во двата наврати. За Македонија првата шанса ја имаше Миовски, но биеше млако во голманот Трубин.

Во 30-тата минута, Јани Атанасов имаше лош прием на 20 метри од голот, па Судаков биеше од далечина, топката го допре Серафимов и заврши во голот на Димитриевски за 1-0 за Украина.

Нашиот тим потоа сериозно нападна и имаше серија одлични шанси. Прво преку Миовски, па зицер имаше Ашковски, а до крајот на полувремето се заканија и Барди и Елмас.

На стартот на вториот дел ја имавме и најзрелата шанса за погодок преку нововлезениот Чурлинов, но голманот Трубин интервенираше и топката мина над голот. Во продолжението иако имавме посед на топката, изостанаа шансите.

Украинците имаа две пречки, во втората ситуација Димитриевски одбрани, кој му фати и зицер на Мудрик. Сепак нашиот голман иако имаше фантастичен меч, во судиското продолжение прими гол за 2-0 од речиси половина терен. Стрелец за Украинците во 95.минута беше Караваев.

Со овој пораз Македонија математички не може да стигне барем до второто место во групата Ц што води на Европското првенство.

Во следното коло, Македонија е слободна во квалификациите, па затоа во вторник играме пријателски натпревар со Ерменија во Струмица. На 17 ноември гостуваме кај Италија, додека во последното коло три дена подоцна во Скопје ја пречекуваме Англија.

Претходна вестНазначени нови директори на Дерматовенерологија и Кардиологија
Следна вестПосебен режим на сообраќај денес и во среда во Скопје