Кога Шилегов ќе се самоказни што „Комуналец“ ја полни дивата депонија кај Вардариште?

Казна ќе добие човекот кој истурил кабаст отпад во близина на Природно математички факултет во Гази Баба. Инспекторатот на Град Скопје делувал на терен откако претходно открил, преку безбедносните камери, кој и кога го истурил отпадот. Инспекторите постапија откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на градежен шут на несоодветно место.

Убава вест. Конечно. Секој кој ова го прави мора да биде соодветно санкциониран, оти тоа е и предупредување за сите останати кои имаат намера да ја загрозуваат животната средина. Ама има едно големо „НО“.

Клучното прашање е кога Град Скопје ќе се самоказни, и тоа најстрого, за полнењето на дивата депонија кај Вардариште, среде Маџари, буквално пред дворовите на луѓето, од страна на претпријатието под негова капа: Комунална хигиена? Комуналното претпријатие речиси секојдневно ја полни депонијата, која инаку градоначалникот Петре Шилегов ја нарече „привремена“. Според Шилегов немала време Комунална хигиена да стигне и да го однесе отпадот до Дрисла, па привремено го оставала тука. Ова беше една од првите објаснувања на градскиот татко. Потоа рече дека веќе се чисти, но на терен сликата беше друга, односно жителите во околината  беа разочарани и гневни оти таа се повеќе растеше.

Подоцна, самите граѓани, ги информираа и странските амбасади, а и народниот правобранител отвори случај за депонијата кај Варадариште. Само Град Скопје никако да ја казни Комунална хигиена…

Затоа ваквите вести за фрлачи на ѓубре кои ќе бидат санкционирани се поучни, но ако се селективни и не важат за „дворот на Шилегов“, тогаш се малку продуктивни.

Претходна вестЗа промена, ни треба Македонец за премиер!
Следна вестПопладне пак нестабилно со дожд и грмежи