Македонската држава не води сметка за сопственото археолошко богатство и културното наследство. За тоа говорат не само археолозите, туку пред се, фактите. Еден од нив е скопскиот аквадукт, за кого до сега се изнаслушавме само ветувања, но во меќувреме се остава да пропаѓа. Последното големо ветување беше во предизборието, од страна на министерката за култура Ирена Стефоска. Таа вети дека заборавот и немарноста кон оваа феноменална градба ќе биде исправена.
Министерката изрази уверување дека институциите ќе ги вложат сето знаење и умешност во неговата заштита и, како што рече, имаме обврска акведуктот да го промовираме пред светот, кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации. Постизборно, остана само ветувањето, барем до овој момент. Со оглед на политичката ситуација и промената на ресори во власта, по се изгледа аквадуктот ќе почека уште – ако во меѓувреме не се распадне.
Уште едно вакво богатство е античкиот град „Стибера“, во непосредна близина на прилепското село Чепигово. Нерешените имотно-правни односи, ја фрлаат во сенка на другите антички градови, иако нејзината археолошка вредност е многу позначајна.
Во „Стибера“ или „Македонска Помпеја“ како што ја нарекуваат научниците уште кога почнува да се открива во 1953/54 година, се најдени преку триесет мермерни наоди, бисти и скулптури на божества и видни граѓани од античко време, кои се изложени во музеи како во земјава, така и надвор од неа.
Овој антички локалитет чека државата конечно да покаже добра волја и согласно своите ингеренции да им понуди соодветна експропријација на жителите од селото Чепигово, во чија сопственост се наоѓа земјиштето на ова наоѓалиште. Се уште нема решение, а оттука ниту може да биде сериозна туристичка атракција.
Кога аквадуктот, „Стибера“… ќе станат предмет на интерес на надлежните институции? На ова прашање разочараната јавност одговара со – тие историјата сакаат да ја бришат, затоа и да не се очекува премногу од нив.
Зарем навистина ќе биде така?