Кои скопски општини лани го зголемиле бројот на вработени, а кои го намалиле…

За двајца вработени е поголем бројот на административци вработени во Градот Скопје и во десет скопски општини во 2020 година во споредба со нивниот вкупен број во 2019 година. Ова го покажува најновиот Годишен извештај за регистерот на вработени во јавниот сектор во 2020 година кој вчера беше промовиран од страна на Министерството за информатичко општество и администрација. Од извештајот кој е објавен на веб-страницата на овој орган се гледа дека лани во Градот Скопје и во десетте скопски општини имало вкупно 1.548 вработени административци, а според прекланскиот Извештај имало 1.546 вработени.

Од вкупните бројки се гледа дека кај четирите општини: Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров имало зголемување на административците. Па така, Кисела Вода лани имала 143 вработени во општински служби што е за 11 повеќе отколку 132 лица колку што имала во 2019. Во Карпош бројот на вработените лани бил за осум повеќе од преклани: од 155 скокнал на 163, во Аеродром за 5 вработени – од прекланските 119 се зголемил на 124 исто како и во Ѓорче Петров каде лани бројката стасала до 77 вработени општинари а преклани таа изнесувала 72 лица.

Во администрацијата на Градот Скопје имало намалување од само тројца административци – од 643 во 2019 година лани плата од градскиот буџет била исплатувана на 640 вработени службеници. Во општина Бутел преклани имало 71 вработен а лани 67, во Гази Баба бројката од 98 вработени се намалила на 94, во Центар од 116 на 113, во Чаир од 87 на 79, во Сарај од 35 на 31 и во Шуто Оризари од 18 на 17 административци.

Годинава, за разлика од досегашната пракса, во Извештајот не е наведена бројката на вработените во институции кои што се основани и кои што работат во рамките на Градот Скопје и скопските општини. Во 2019 година таа бројка на вкупно вработени во вакви институции изнесуваше 14.315 лица. 

Инаку, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов одамна истакна дека од големата градска армија на вработени вишок се 1.200 лица и вети дека Град Скопје ќе се одлободи од голем дел од нив. До сега ништо од тоа, дури напротив во последно време се распишуваат огласи за нови вработувања. 

Претходна вестСончево со слаб ветер, температура до 14 степени
Следна вестМицкоски му пратил на Заев концепт за поевтин Клинички центар, ќе биде ли разгледан?