Случајна коинциденција или имиња на повеќе видни македонски политичари се наоѓаат на избирачките списоци за претстојните парламентарни избори во Бугарија на кои може да гласаат само лица со бугарско државјанство? Ваква дилема се појави денеска откако бугарскиот вицепремиер и познат негатор на македонскиот идентитет Красимир Каракачанов на својот Фејсбук-профил објави листа со дваесетина имиња на овие лица. Во најголем дел се работи на личности чии имиња се совпаѓаат со пратеници и партиски функционери од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичка партија. Така, на пример, името кое што се совпаѓа со името на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски е запишано за гласање во регионот Ќустендил, извесен Александар Николовски ќе гласа во регионот Средец во Софија, еден Антонио Милошоски во регионот Ренесанс во Софија, некој Љупчо Димовски, како што е името на претседателот на Социјалистичката партија, исто така е запишано во Ќустендил. Некој Петар Богојески, како што се вика и лидер на Македонски концепт, треба да гласа во Обориште…
-Се разбира, секое совпаѓање на имиња со луѓе кои заземаат водечки политички и јавни функции во Македонија може да биде случајно. Меѓутоа, ако не е случајно и ако овие луѓе се оние на кои мислам, се надевам дека и ова е во ред, напиша на својот профил Каракачанов.
Ваквата објава веднаш предизвика реакција и деманти на засегнатите личности и на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
-Не е точно дека пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат лични карти и државјанства на Република Бугарија, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група.
Во партиското соопштение најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира објавите на Каракачанов.
-Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест. Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја, се потенцира во партиското соопштение.
Ова партија додава дека она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Зоран Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали.
-Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Каракачанов да му фрли гума за спасување, потецнираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти ова, од владеачката СДСМ веруваат дека овие имиња се совпаѓаат со тие на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
-Не е проблем што половина раководство и пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ, од Антонио Милошоски до Бојан Стојановски, Александар Николовски, потпишале изјава дека се бугарски производ и земале бугарско државјанство. Проблем е што глумат загрижени и поголеми Македонци од нас, кои немаме резервна татковина, за разлика од нив!, објави Коста Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.
Што е вистината во случајот се уште не е до крај расчистено. Но, јавноста во секој случај треба да добие одговор. Праксата на ставање лица на изборни листи со исти или слични имиња како познати политичари во некои партии не е непозната ниту во политичкиот живот во Македонија. Такви примери имало неколку, а беа правени од редот на помалите партии со цел да се внесе забуна кај гласачите и намали бројот на гласовите на партиите од спротивниот табор.