Кој го броеше населението при пописот?

Два дена пред официјалното објавување на резултатите од неодамнешниот попис на неселението, а „температурата“ расте. Врелината доаѓа од се почестото искажување на сомнеж и недоверба во пописните резултати од голем дел од јавноста. Има ли основ за недоверба или непотребно се претерува?

Во некои медиуми излегоа неофицијални бројки. Веднаш излегоа и сомнежите (дури и тврдењата) дека имало манипулации и политички штелувања на податоците. Податоците дека околу 65 отсто население се изјаснило како Македонци, околу 24,7 се Албанци, и 10-12 отсто се припадници на други заедници. Но, кога во овуе бројки ќе се вклучат резултати од попишувањето на дијаспората како Македонци излегуваат од 60 до 62 проценти, Албанци 29,5 проценти, а припадниците на останатите етнички заедници од 8 до 10 проценти.

Задутре ќе се види дали овие бројки за кои медиумите се повикуваат на „неофицијални извори“ ќе се потврдат или ќе бидат други? Но, бројките веќе предизвикаа реакции, неверување, недоверба… кај граѓаните.

-Не се залажувајте за резултатот. Се е договорено уште пред да почнат со пописот. Затоа не верувајте во него… Нема да има реален резултат од пописот. Наместен е по барање на одредени структури од власта… Наштелувано е… Ако сакаа нормални резултати досега ќе ги објавеа. Сега се прави зделка…, беа коментари и реакции на граѓаните на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.

Граѓаните се сомнежливи затоа што политиката се меша во статистичка операција. Политичарите дури и си кажуваат какви бројки сакаат да видат. Такво нешто дури и сега кога „температурата“ е подигната побара лидерот на опозициска Алијанса на Албанците Зијадин Села. Тој тврди дека бројот на Албаниците е поголем од што го покажуваат неофицијалните резултати.

-Албанците во Македонија сочинуваат околу 34 отсто од населението, а Македонците 59 проценти, според податоците со кои располага нашата партија, реагира Села.

Секој „лидер“ ли има бројки во својот ракав? Дали надлежните за пописот се имуни на сето ова?

Пред некој ден Горан Милевски, актуелен министер за локална самоуправа и лидер на ЛДП, отворено изјави дека „пописот стана политичка наместо статистичка операција“.

-Овој попис се правеше електронски. Базата има податоци и за еден ден базата треба да каже колку има жители. Автоматски се и штиклира колку се Македонци, колку се Албанци… Како му требаа седум месеци за да се каже колку се Македонци, а колку Албанци, изјави Милевски.

Сомнежи и информации дека имало манипулации со пописни резултати искажаа и од опозициската партија „Левица“. Пратеникот Борислав Крмов, во настап на Канал5, рече дека имало допишување на бројките.

-Ние немавме попис, да бидеме на чисто. Се што за прекинатиот попис бараше ДУИ и што беше незаконско сега е дел од законот. Ќе кажам ексклузивна информација што не ја видов никаде. Тие имаа експерт од Словенија, тоа се нашите информации, кој во последните 5 до 6 месеци откако заврши пописот, внесуваше луѓе од базата на МВР коишто го бојкотираа пописот. Некаде околу 75.000 до 80.000 лица. Значи, ние само со 5.000-10.000 имаме нелегитимен попис. Така да и овој попис е апсолутно нелегитимен, потенцира Крмов.

Сомнежи и недоверба во пописните резултати пред извесно време искажа и Благица Новковска, поранешна директорка на Државниот завод за статистика.

-За оние кои разбираат статистика и можат да направат анализи и проценки, не се попишани повеќе од 350.000 лица -државјани, а и повеќе од 100.000 домаќинства фалат. Пописот беше турбо собирање на единствени матични броеви и дупло попишување, напишала Новковска на својот профил на Фејсбук.

За растење на „температурата“ помогна и самиот директор на ДЗС Апостол Симевски кој рече:

– Наредните месец дена ќе бидам државен непријател, но ние не сме џубокс за исполнување на желби, рече Симовски.

Високата температура покажува дека нешто не е добро во едно тело – организам – општество. „Лекарите“ треба добро да помислат што прават со пописот. Лек сигурно има, само треба политиката да се тргне настрана. Кој го броеше населението, политичарите или старистичарите заедно со попишувачите? 

Претходна вестДвајца пациенти на дијализа добија бубрег од починат донор
Следна вестМНР: Пет руски дипломати прогласени за персона нон грата