Диви депонии низ Скопје – колку сакаш. Дури има и локации кои како да се резервирани за правење купишта од ѓубре. Едно од таквите места е крстосницата на булеварот „Никола Карев“ („Пластичарска“ улица) и на улицата „Максут Садик“ во близина на амбасадата на САД. Тука кога и да поминеш губрето те чека да ти го разубави денот.
Да, градските комуналци се трудат местото да биде чисто, ама и ѓубрињата од луѓе се трудат да биде обратно. И така, со години…
Јавното претпријатие денеска објави соопштение дека минатава ноќ пак ја расчистиле дивата депнија.
-Во текот на минатата ноќ, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје реализираа активности за отстранување дива депонија лоцирана на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), на аголот со улицата „Максут Садик“, во непосредна близина на Амбасадата на САД. Во рамките на активностите се подигнати и транспортирани приближно 15 кубни метри непрописно одложен отпад. Посочениот реон претставува „црна точка“ каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини, соопшти ова градско претпријатие.
Ова не е за првпат градските комуналци да ја расчистуваат ова дива депонија. Акција за чистење имаше и на 28 јуни, имаше и на 2 јули… „Комунална хигиена“ најавуваше и засилен надзор за да се спречи трупањето на ѓубрето, но…
Кога ќе заврши серијалот за битката помеѓу комуналците и луѓето ѓубриња? Дали можеби казните недостигаат во приказната?