Колумна на Никола Тасев
Уфф… Почеток на кампања е. Власта почна засилено да се фали (иако и досега си се фалеше) дека сработила многу, ама поранешните претседатели на Македонија, Црвенковски и Иванов искажаа тешки предвидувања за македонската иднина. И двајцата велат дека треба да се изоди сериозен пат за Македонија да стане постабилна и просперитетна.
Е така е, навистина е време да зборуваме и делуваме за патот кон подобра иднина. Неодложно треба сите чинители да седнат и да донесат став околу трасата, а како водилка треба да бидат интересите на Македонија. И тоа треба транспарентно пред јавноста, која мора да знае што пат и се трасира.
Дотогаш мене муабетот ми е за другите патишта кои власта во ветување ги трасираше, но во реалноста слабо ги реализира!
Зошто половично се реализираат капиталните ивестиции, зошто проектите од изборните ветувања и од централната и од локалната власт се затворени во некоја фиока или пак се започнати, ама заборавени? А ветено е многу автопатишта, брзи патишта и железници.
Сте се возеле ли во последниот период надвор од своето место на живеење? Видовте ли некое подобрување на патиштата низ Македонија? Според ветеното, досега, секаде требаше да има феноменални сообраќајници. Ама градење нови, проширување и реконструкција на старите патиштата последниве години имаше ептен скромно, освен пред ТВ камери.
Додека трепнеме ќе замине и оваа година, а се уште не знаеме кога раскопаниот пат кон Охрид ќе порасне во автопат. Ветено ни беше таму да „летаме” од почетокот на 2019. па се „дигна летвичката” на 2023 година. А знаејќи ги како работат неизвесно е дали ќе го биде и тогаш.
Ај некако им се усреќи, па со многу маки го пуштија експресниот пат кон Радовиш, ама затоа пак ја раскопаа и затворија обиколницата околу Штип. Сега повеќе време се губи со пробивањето низ штипските улички, отколку порано кога се возеше по стариот пат.Исто како и патот кон Бугарија, поточно делницата Куманово – Крива Паланка. Колку време им треба да го средат? Правен, недоправен, некаде има нов слој на асфалт, некаде стариот е изгребан и стои…чека работници. А патниците нервозни.
А патот Охрид – Ресен?Што е и со ветениот автопат од Скопје до Прилеп, а оној кон Косово?
Македонските власти се рекордери по „брзината” на градење патишта, ама се рекордери и колку брзо се распаѓаат веќе направените. Во последните 20 години патната мрежа сосема застари и се уништи. Кога возите кај Демир Капија која брзина развивате? Автопат е нели, ама ај да ве видам „дигнете” над 80 км/ч ќе имате чувство како да сте во авион со турболенции. А автопат е и тоа не толку стар.
Проблем се и железниците. Сите влади ја најавуваат пругата кон Бугарија, ама таа дреме нечепната. Да потсетам дека, освен што пред безмалку триесет години на неа започнаа некакви (и тогаш предизборни) активности, сите останати пруги ни се од „времето на Тито“.
Соседите инвестираат и во автопатишта и во брзи железници. А Македонија, заради непосветеноста на властите ќе остане слепа улица на Балканот.
Секоја година во буџетот пари за автопатишта се предвидуваат, ама не се трошат на тоа. Затоа пак со автопатските пари се покриваат разни други дупки. Некои велат дека се затнуваат дури и дупки од џебовите. Но како и да е властите треба да го фатат патот, а кој, во многу ќе зависи од изборите.