Во услови кога во јавноста се отвори дебата за Законот за легализација на дивоградби што вчера го донесе Собранието, кој предизвика огромни реакции, Државниот завод за статистика денеска објави дека во март оваа година, бројот на издадени одобренија за градба се зголемил за 54,3 проценти во однос на март лани.
Се работи за 338 такви одобренија, со предвидена вредност на објектите од 5 милијарди 216 милиони 352 илјади денари, што е за 91,1 отсто повеќе во однос на истиот месец лани.
Најголем дел од издадените одобренија за градење или 214 се за објекти од високоградба, 41 за објекти од нискоградба и 83 се за објекти за реконструкција.
Кај 220 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 118 објекти како инвеститори се правни лица.
Предвидена е изградба на 488 станови со вкупна корисна површина од 47.831 м2.