Која е „стварно – нестварната“ функција на пратениците?

Колумна на Гарбиела Арсова:

Решив да пишувам за изборните модели, влијанието на истите врз квалитетот на пратениците, значењето на избор на пратеници со тежина на мисла и авторитетност во прилог на функционалноста на Собранието како институција, како законодавен дом… и тука заглавив.

Пред очи ми излезе салата на Собранието, разјарените пратеници кои се препукуваат, дофрлањето неумесни коментари, бојкотирањето на работата на какви ли се не начини, страста во некултурата, безобразлукот како би бил запаметен и евентуално повторно избран и во следниот парламентарен состав, гордоста на простатилоците… и ете! Пишувањето ми оди во сосема друг правец!

Што сакам да кажам, која ми е поентата… ми се чини суштината на проблемите лежат во реалното незнаење или незаинтересираност за следниве важни прашања: Што е тоа Парламент и која е функцијата на пратениците?

Ако основното е носењето закони и законски регулативи,  а точно тоа е функцијата и на Собранието и на пратениците, сакам да прашам: Дали сте чуле да е ревидиран текст на закон во последниве 30 години? Мислам од времето кога се преведоа законите. Притоа не мислам на она – овој член се исфрла, оној се дополнува… Мислам на лошите преводи или немањето адекватен збор за нешто уште од времето на првото пишување на законите на самостојна Македонија. Мислам на негрижата на законодавниот дом и неговите претставници за законите како нивни чеда…

Зошто го прашувам ова? На пример Законот за сопственост и други ствари права е донесен како би можеле домашните и странските лица, како и правни субјекти да ги разберат законските регулативи и евентуално да инвестираат. Ама кај нас се вели: колку понејасно – толку подобро! Си толкуваш како си сакаш! Што да се каже освен: Браво!

Да продолжам понатаму. При веќе одомаќинета фразата подвижен и недвижен ИМОТ (и Гугл така вели), во Законот за имотни односи и понатаму пишува подвижни и неподвижни СТВАРИ.  Отворив речник, барам СТВАР и Оп ствар опишана како именка од женски род со значење слично со НЕШТО, слично со ПРЕДМЕТ. Читам Законот, па Чл.8 вели: Сопственикот има право СВОЈАТА СТВАР ДА ЈА ДРЖИ, целосно да ја користи и да располага со неа по сопствена волја, доколку не е спротивно на закон или на некое друго лице! Некако незгодно ми падна… Ама закон е закон! И дури се чудам што е ствар – ете! Она што речникот го нема, законот го има! Давање толкување како да го разбереме зборот СТВАР! …и натаму во голем дел законот како да е филозофска разправа за појаснуванје на СТВАР, па движни и недвижни ствари, до нестварните прости и сложени ствари… СТВАРНО НЕСТВАРНО!

Е драги мои, кога само би се потсетиле дека истите тие пратеници седат, ако седат, во тие редови за да носат закони и законски регулативи од важност за државата и во функција на нас граѓаните, за градење одржливо, функционално, нормално општество СТВАРНО би требало да се загрижиме! Ама СТВАРНО!

Претходна вестУтре прв лет Софија- Скопје
Следна вестАко не ни е јасно колкава е сиромаштијата, барањата за покривање на сметките за струја го покажуваат тоа