Државната изборна комисија информираше дека се собрани потписи за 32 независни листи за кандидати за градоначалници,заклучно со 25 август, а во тек се собирања за уште 33-ца. Граѓаните коментираат дека толку многу независни листи не се сеќаваат дека имало во претходните изборни циклуси за градоначалници.
-Доста е од едни па исти политичари, едни па исти политички пораки и црни кампањи, треба работа и исполнување – а не само предизборни ветувања!
-Ги видовме „најголемите“, и едните и другите, време е за луѓе од народот…, се само дел од коментарите под вестите за независните листи објавени на интернет порталите.
Меѓу независните кандидати се Ана Петровска за Скопје, Невена Георгиевска за Карпош, Јана Белчева Андреевска за Центар, Данела Арсовска за Скопје…
Прашањето кое и сега се поставува е дали е возможен успех на независни листи во една политичка поставеност како оваа во Македонија? Досегашното изборно искуство не говори за среќен крај за независните кандидати, односно речиси секогаш на тронот се партиите ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Но, овој пат, бројот на независни листи би требало да ги загрижи најмногу нив, бидејќи значи сериозно нарушување на довербата на гласачите во она што тие им го нудат со децении наназад.
Колку далеку ќе стигнат независните кандидати веќе ќе се знае на 17 октомври.