Колумна на Никола Тасев:
Ајде и тоа се случи! Конечно малку оптимизам, Македонија дочека разговор на две крајно раскарани лица кои нивните сопартијци ги нарекуваат лидери. А лидер се станува само ако водиш, а не ако кочиш, како што беше државата под рачна до вчера. Ако бевме нормална демократија, средбата меѓу водачите на двете најголеми партии ќе беше една од многуте дневно политички вести, но кај нас тоа е „чудо на годината”.
Сепак, Зоран Заев и Христијан Мицкоски покажаа дека пораснале и се надраснале со вчерашниот договор за одблокирање на Собранието, одложување на пописот и откочување на Македонија. Тоа е добро, но колку пораснале е сега прашањето? Има во македонската политика многу лица кои се пораснати ама пак се однесуваат како деца. Затоа сега двајцата да покажат дека нивните насмеани лица не биле само маска за пред камера и под притисок на странските амбасади, туку биле реални со искрена желба за напредок на државата водена од зрели политичари.
Она што го чувме е во ред: одложување на пописот, пролонгирање за една недела на локалните избори, одблокирање на Парламентот.. Но, од она што не го слушнавме, се поставува прашањето: дали се е јасно и гласно договорено и дали нема повторно да се случува насилие од парламентарното мнозинство, а блокада од опозицијата.
Прво, добро е што пописот се одложува, но тоа не е единственото што го бараше ВМРО-ДПМНЕ и голем дел од јавноста во Македонија. Што е со методологијата? Опозицијата реагираше и на тој дел, а премиерот вчера изјави дека тоа нема да се чепка. Статистичката операција е Попис на население, а кај нас се прави Попис на државјани. Ако е попис на население, тоа е јасно дека треба да се попишуваат оние кои се населени во Македонија, а не и оние кои се отселиле пред 5,7 или 15 години. Кому ќе му користат бројките од пописот, ако излезе дека сме над 3 милиони, а реално ниту половината не живеаат во државава?
Второ, дознавме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи сите закони кои чекаат на ред во Собранието. За многу од нив таа имаше забелешки. Што со тоа? Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе даде бланко поддршка на се што доаѓа како предлог од власта или пак ќе имаме натегања, блокади… Дали СДСМ ќе има сенс за мислењата на опозицијата па белким и таа знае некои работи подобро од власта?
Трето, измената на изборниот законик. Гласање со отисок на прст – договорено е, но што со останатите барања: на опозицијата да се гласа за градоначалник во еден круг, за да се избегне купувањето на гласови помеѓу двата круга и на СДСМ, под притисок на помалите коалициони партнери, за парламентарни избори со една изборна единица. Слушнавме само дека ќе се разговара, но не и дека е договорено.
А кога веќе ќе се „отвора” повторно Законот за избори, нека се внесат и други промени што јавноста одамна ги бара: да намалат составите на општинските совети, а зошто не и на државното собрание. Па нека се покрене иницијатива за да се намалат и составите на управните и надзорните одбори, разно-разни совети, но да се ограничи и бројот на советници што може да ги имаат функционерите. Тоа се само џабе фрлени пари кои се злоупотребуваат за вдомување на партиски апаратчици.
Значи на „пораснатите“ им следи многу работа. Доста и е на Македонија од детски работи. A наскоро ќе дознаеме колку „децата“ пораснале…