Посебна Комисија ќе го испитува постапувањето на Основниот кривичен суд – Скопје во случајот со со поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, кој побегна од куќен притвор. Таа ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред неговото бегство ги донел Основниот кривичен суд Скопје.
Одлуката за формирање на ваква комисија ја донесе Судскиот совет на денешната седница. Претседателката на Судски, Весна Дамева, вели дека формално не се известени за случајот, но реагираат по допрен глас.
-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Дали има нешто, што се случувало, дали е Судот виновен или не, да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, ништо да не се прејудицира, рече претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на денешната седница.
Комисијата која ќе треба да ги испита донесените одлуки на Основниот кривичен суд Скопје во врска со притворот на Рамадани, ќе биде во состав од судијата Александар Камбовски од Кривичниот суд, заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
-По констатирање на состојбата се задолжува Комисијата да изготви извештај кој ќе го достави до Судскиот совет и по кој Судскиот совет понатаму ќе расправа и одлучува, додаде Дамева.