Home АКТУЕЛНО Комисијата чекала родители да реагираат за маските кај учениците, а реакција имаше од декември

Комисијата чекала родители да реагираат за маските кај учениците, а реакција имаше од декември

0
Комисијата чекала родители да реагираат за маските кај учениците, а реакција имаше од декември

Учениците во основните и во средните училишта и натаму ќе мора да носат заштитни маски додека се на наставата. Ова вчера произлезе по седницата на Комисијата за заразни заболувања чиј портпарол Злате Мехмедовиќ изјави дека, всушност, за тоа и не било расправано.

Останува препораката за носење заштитна маска во училиштата. Комисијата за заразни болести досега не добила барање од родители децата на училиште да не носат маски и за тоа не е разговарано. Ставот на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на болести е дека во затворени простории, меѓу кои и училиштата, треба да се носат маски од шестгодишна возраст па нагоре. Така што, согласно препораките на СЗО и врз основа на протоколите за посетување на настава со физичко присуство, секое дете треба да носи маска, изјави вчера Мехмедовиќ.

На овој став кон крајот на јануари застана и Владата кога реши учебната година да започне на 1 февруари со физичко присуство на учениците и со почитување на сите досегашни превентивни мерки.

Зошто не е земено во предвид барањето на родителите да не мора носењето маски да биде задолжително? Голем дел од родителите на учениците испратија јавни барања носењето на маските веќе да не биде задолжително за нивните деца. Тие дадоа и многу аргументи зошто треба да се реагира. Децата се гушат, децата имаат послчедици од носење маска со часови и часови – наведуваа родителите.

Но, членовите на Комисијата, очигледно, сметале дека за овој проблем воопшто не треба да се расправаат иако во повеќе земји се намалуваат и укинуваат превентивните мерки. Зошто е така, треба да одговорат членовите на Комисијата.

Од друга страна, збунува и нешто друго. Петиција „Стоп за задолжителното носење на маски во училиштата“ е потпишана на почетокот на декември минатата година од трана на околу 900 родители. Во неа се наведуваа штетните последици по децата од носењето на маските. Организаторите тогаш потенцираа дека таа е испратена до сите надлежни институции, посебно до Министерството за здравство и до Комисијата за заразни болести. Но, портпаролот на Комисијата вчера изјави дека тие не добиле никакво барање на родителите нивните деца да не носат маски, па оттаму и немало расправа!?

Каде е тогаш петицијата, дали стасала до таму каде била упатена или…? Инаку, Комисијата не може да расправа за нешто за што нема од некого иницијатива? Членовите на Комисијата не гледаат дека треба да расправаат околу маските кои ги носат учениците? Пробал некој од Комисијата да седи во школска клупа цел ден со маска и да гледа како реагираат децата?