Комисијата препорача: Потврдата за прележан ковид да важи 180 дена, вакцинација со трета доза, маските во школите остануваат

Потврдата за прележан ковид-19 да важи 180 дена, а не 45 како што е актуелната одлука, е една од четирите препораки од денешниот состанок на Комисијата за заразни болести.

Со ова, ќе се усогласи и времетраењето на сертификатот со останатите земји во ЕУ и светот каде потврдата за прележување на болеста важи до 180 дена.

Втората препорака е населението да се вакцинира со трета доза со оглед дека анализите покажуваат оти исклучително е мал процентот на заболени кои завршиле со смртен исход, а примиле засилувачка доза од вакцината.

Според анализата од 1 до 31 јануари за 2022, само шест лица од пациентите кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле констатирани имале дополнителни болести како дијабет, карцином, кардиоваскуларни заболувања и прекумерна тежина.

Следната препорака која ја дава Комисијата е упатствата за лекување на пациенти од ковид-19 да бидат објавени на веб-страниците на Министерството за здравство и на Лекарската комора, како и да бидат испратени до сите матични лекари. Станува збор за упатства кои веќе постојат, а се изработени од работната група при Министерството за здравство и од Катедрата за семејна медицина.

Последната препорака се однесува за учениците: дел од достапните тестови во МЗ ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив ќе се користат за изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да може да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека тој тест е негативен.

Во однос на прашањето за децата да не носат маски во училиште, како што бараа дел од родителите, д-р Злате Мехмедовиќ посочи дека не е разговарано за тоа, но потсети дека актуелните препораки и на Светската здравствена организација и на Европскиот центар за контрола на болести е да се носат маски.

Претходна вестАрсовска му поднесе кривична на Шилегов за кафанска прослава на Нова Година во 2019
Следна вестМинатата недела има помалку заразени, а повеќе оздравени – помалку се тестирани, а и изолацијата е скратена