Комисијата решава за името на бугарскиот клуб во Охрид

Комисијата за употреба на историските имиња денеска треба да одржи седница и да изготви извештај во врска со бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, по што министерот за правда Кренар Лога ќе треба да донесе соодветно решение.

Од Централен регистар го информирале Министерството за правда дека од здружението „Цар Борис Трети“ не доставиле дополнителни документи со кои ќе се усогласи со измените на Законот за здруженијата и фондациите, со кој се забрани во називите да се користат имиња, презимиња или прекари на лица кои биле соработници на фашизмот, нацизмот, Третиот рајх итн.

– Комисијата ќе заседава и ќе донесе мислење за името на охридското здружение, по што јас ќе донесам соодветно решение, согласно законот. Процедурата е иста како минатиот пат, рече вчера министерот за правда Лога.

Здружение на Бугарите од Охрид минатиот месец пред истекот на рокот за усогласување со законот, кој истече на 16 февруари, до Централниот регистар поднесе барање да се усогласи и со тоа си купи дополнително време. Надлежните од Централен регистар тогаш објаснија дека охридското здружение не поднело никакви дополнителни документи за навистина да си го смени името, туку само еден лист хартија со искажана намера за усогласување.

Именувањето на клубот во Охрид со името на Цар Борис Трети предизвика негативни реакции во македонската јавност. Под негово водство тогашата Бугарија се придружува на Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичката Јапонија.  Тој во 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија по што како награда добива делови од неговата територија, меѓу кои и Македонија. Тој е директно поврзан со депортацијата на 11.300 Евреи од териториите на Македонија, Србија и Грција во логорот на смртта Треблинка, откако во јануари 1941 година го потпиша антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата. Умре во август 1943 година по неговата посета на Адолф Хитлер.

Според измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Минатата недела со одлука на министерот за правда, а по претходно мислење на надлежната комисија, од Централниот регистер беше избришан бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

Претходна вестПосебен режим на сообраќај денес и утре во Скопје
Следна вестФранцузин ограбувал станови во Скопје