Комитет на министри на Советот на Европа: Бугарија 17 години не почитува судски одлуки и одбива да регистрира македонски здруженија

Во својот најнов извештај Комитетот на министри на Советот на Европа  истакнува дека властите во Бугарија и натаму не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Исто така, Бугарија одбива да реигстрира и македонски здруженија кои се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.

-Овие случаи се однесуваат на одбивањето на националните судови меѓу 1999 и 2015 година да регистрираат здруженија чија цел е да се постигне признавање и заштита на интересите на македонското малцинство во Бугарија. Одбивањата беа засновани врз заштитата на националната безбедност и јавниот ред, уставната забрана на здруженија кои остваруваат политички цели, како и врз неисполнувањето на формалните законски барања. За сето ова Европскиот суд утврди дека е неоправдано и непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, бидејќи здруженијата кои се жалеле не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели. Неколку од целите на здруженијата беа означени како политички, што не беше доволна основа за одбивање на регистрацијата, се вели во извештајот на Комитетот на министри кој жали што повеќе од 17 години се одбива регистрација на здруженијата кои се залагаат за признавање на македонското малцинство.

Комитетот изрази жалење што и покрај мерките усвоени од бугарските власти меѓу 2018 и 2024, усвојувањето на Привремената резолуција и последователните одлуки, повеќе од 17 години по првата правосилна пресуда рутински се одбива регистрацијата на здруженијата кои имаат за цел да се постигне признавање на македонското малцинство, што се прави главно поради неодобрувањето на нивните цели.

Во извештајот се наведува дека бугарските судови во изминатите години континуирано одбивале да ги регистрираат ОМО Илинден, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот режим, Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.

Претходна вестМишел му порача на Мицкоски дека е клучно да се почитуваат правно обврзувачките договори
Следна вестОбјавена есенската кошница, 73 производи со ограничена бруто профитна маржа до 10 проценти