Остро противење на назначувањето на Гоце Седлоски на клупата на фудбалскиот клуб Вардар искажаа денеска навивачите на „црвено-црните“. Во објавата на нивната страница на Фејсбук „Комитите“ не дадоа поддршка на назначувањето на Седлоски на клупата, поради тоа што бил дел од Шкупи, а и, како што велат, „сомнително работење“ во Вардар.
Навивачите му порачаа на новиот тренер воопшто да не седнува на клупата на „црвено-црните“ во сабота.
-Седлоски не смее и нема да биде тренер на ФК Вардар. Во 2017 година беше избркан од клубот поради сомнително работење, по кое е општо познат во јавноста, не заслужува да седне на црвено-црната клупа. Во сабота седни на клупата на Слога Југомагнат, онаму каде што природно припаѓаш, или воопшто не доаѓај. Вардар и Градски повеќе за тебе не постојат. Никогаш нема да ти биде простено, стои во дел од реакцијата на „Комити“.
Веќе в сабота Вардар е домаќин токму на Шкупи, клуб кој Седлоски го водеше пред неколку години и за тоа беше означен како предавник.