Кому му нема спас, на 100 македонски научници или на Пендаровски?

Научната јавност во Македонија деновиве континуирано реагира и негодува поради препораките истакнати од историчарот Драги Ѓоргиев и македонските членови на историската македонско-бугарска комисија. Вчера имаше и заедничка изјава на над 100 академици, декани и универзитетски професори кои препораките ги отфрлија со индигнација.

Како на ова ќе реагира Владата под чиј патронат и е формирана Комисијата што ги издаде препораките? Гледаат ли и слушаат ли министрите и премиерот што вели поголемиот дел од научната фела во Македонија?

-Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. „Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација, напишаа македонските научници наведувајќи и повеќе други причини поради кои препораките ги сметаат за ништовни и нерелевантни за нивната понатамошна научно истражувачка дејност.

Од друга страна претседателот Пендаровски смета дека препораките се добри, на друго место бил проблемот.

-И ако после вчерашното образложување на сите тие препораки од македонската страна на комисијата на некого не му е јасно дека станува збор за препораки, кои со ништо не задираат во македонскиот јазик и идентитет, тогаш за тие луѓе, кои и после ова не разбираат, нема спас, изјави претседателот.

Кому му нема спас – ќе одлучуваат граѓаните на Македонија. Големо искуство е натрупано од досегашните функцинерски ветувања, уверувања…

Сепак, сега најважно е да не се препукуваат државните функционери со научниците. Треба да се бара спас за Македонија која е турната во опасен вртлог. Тоа бара сериозно „пливање“, а не како со покровителството на Охридскиот маратон.

Претходна вестМоментално нема опасни пожари во Македонија, синоќа се локализирани сите 10
Следна вестПромовирани нови 590 полицајци, ќе се засили ли борбата со криминалот, сообраќајната некултура…?