Во текот на изминатиов викенд, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје повторно се соочи со тенденциозно загрозување на животната средина и јавното здравје, преку масовно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини и создавање диви депонии, соопшти денеска ова градско претпријатие.
-Со цел – одржување на максималното ниво на хигиената и чистотата во градот Скопје, екипите на Претпријатието за време на викендот реализираа вонредни активности за подигнување и транспорт на вкупно 150 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад, се наведува во соопштението.
Интервенирано е на улиците „Лихнида“, „Лука Геров“ и „Македонска војска“ во општината Ѓорче Петров, како и на булеварот „Босна и Херцеговина“ во општината Бутел. Во координација со ЈП „Паркови и зеленило“ отстранети се и неколку диви депонии на улиците „Благоја Паровски“, “Џон Кенеди“, „Панче Неделковски“ и „Цветан Димов“, како и на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во скопската општина Чаир.
-Од почетокот на месецот јули, Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви пет записници за граѓани коишто се затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини на улиците „Лазар Поп Трајков“ и „16-та Македонска бригада“ во општината Гази Баба, улиците „Јуриј Гагарин“ и „Веселин Маслеша“ во општината Карпош, како и на улицата „Аминта Трети“ во скопската општина Центар, се наведува во информацијата.