Продолжуваме со засилена динамика на подигнување на комуналниот отпад од поставените контејнери и кантите во индивидуалните домаќинства на територијата на градот Скопје, соопшти денеска ЈП „Комунална хигиена“.
Ова градско претпријатие наведува дека во текот на вчерашниот ден нивните екипи, во втората и во третата смена, реализираа засилени активности за собирање и транспорт на комуналниот отпад во сите скопски општини.
-Континуирано се расчистуваа и повеќе обемни диви депонии лоцирани на улиците „Џон Кенеди“, „Благоја Паровиќ“ и „Методија Митевски“ во општината Чаир, како и на улицата „Прашка“ во општината Карпош, се наведува во информацијата.
Воедно, беа спроведени активности за одржување на хигиената на јавните и на сообраќајните површини со коишто беа опфатени и централното градско подрачје, кејот „13 Ноември“ и Старата скопска чаршија.
Повеќе граѓани деновиве реагираат на насобраното губре покрај контејнерите по населбите и на бавното собирање. Комуналците од синоќа тргнаа во интензивно собирање на отпадот по тридневниот прекин на работата.