„Комунална хигиена“ укажува на непрописно одлагање на градинарски отпад во Карпош

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје се соочува со енормно зголемено количество градинарски отпад што се одложува на јавни површини во скопската општина Карпош, укажува ова градско јавно претпријатие. Отпадот се одложува најчесто во непосредна близина на контејнерите со зафатнина од 1,1 м3 и 3,2 м3, што резултира со секојдневно создавање диви депонии коишто директно влијаат врз загадувањето на животната околина во општината.

-Само во текот на месецот мај, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје отстраниле вкупно 150 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на општината Карпош, составени претежно од градинарски отпад. Воедно, комуналниот отпад од колективните домувања којшто жителите на оваа скопска општина го одлагаат во контејнерите поставени на јавни површини се собира и транспортира без никаков застој, во согласност со динамиката утврдена со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, се наведува во соопштението.

Екипите на Претпријатието континуирано ја одржуваат и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на Градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење.

Претходна вестЕвропската централна банка ја намали каматната стапка за прв пат по 5 години
Следна вестСончево и топло, температура до 35 степени