Конечно Битола е блиску до тоа да има парно

Конечно, се чини Битола е блиску до тоа да има парно. Имено, денеска премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на настан со којшто се одбележани завршувањето на градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и почетокот на активностите за изградба на топловодната мрежа во Битола.

-Овој капитален проект станува реалност после 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола, посочи Ковачевски.

Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германска банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ. Се очекува да донесе бројни придобивки коишто ќе ги почувствуваат сите граѓани.

-Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година, соопшти Ковачевски.

Трасата на топловодот поминува и низ Новаци и Могила, две рурални општини, во коишто жителите главно се занимаваат со земјоделство, а топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти и со тоа ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов нагласи дека граѓаните на Битола ќе добијат парно од РЕК Битола, со што ќе се намали потрошувачката на струја и ќе се намалат сметките за затоплување на институциите и домовите и посочи на еколошките придобивки од топлификацијата.

Завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК Битола до Битола, според надлежните, продолжува по битолските улици и во следните 18 месеци, низ Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод.

Да се надеваме дека работата ќе биде завршена според планот.

Претходна вестМизрахи бара да се прошири истрагата и да се продолжи рокот на работа на Анкетната комисија за Онкологија
Следна вестГостиварец направил неколку сообраќајни прекршоци, а потоа сакал да се тепа со полицајците зошто го сопреле