Конечно, привршуваат работите на панорамскиот мост

Мостот на Вардар кој беше наменет за панорамското тркало наскоро ќе биде пуштен во употреба како пешачки мост. Ова вчера го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој на својот профил на социјалната мрежа објави и неколку фотографии од мостот по кој веќе може да се поминува од едната на другата страна на реката.

Нема панорамско, скоро е готов, набргу го ослободуваме и кејот, после долги години. Нов мост во Скопје, најави Шилегов.

Познато е, откако новите градски и државни власти се откажаа од проектот на претходната власт на мостот да се направи панорамското тркало, прво мислеа да го срушат, но сепак се реши мостот да се адаптира во пешачки. За да не пропаднат вложените десет милиони евра и да не се потрошат дополнителните 3,1 милион евра за негово уривање, беше донесена одлука мостот да се заврши за да сепак биде од полза за граѓаните.

На новиот мост, на неговите носечки сајли и столбови, е поставено и осветлување. Дел од скопјаните забележаа дека Камениот мост, кој е симболот на градот, е потонат во темница и апелираа и тој да биде осветлен.

Останува и дилемата дали новиот мост кој го стесни коритото на Вардар ќе има последици по протокот на водата во Вардар.

Претходна вестМАНУ прозборе: Македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот идентитет
Следна вестНема нови превентивни мерки против корона вирусот, само апели