Претседателот на Собранието Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, денеска одржа состанок со претставници на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално беше одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.
Во согласност со Деловникот, со конститутивната седница до изборот на новиот претседател треба да претседава највозрасниот по години пратеник. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Претседателот Митрески ги информираше присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието.
На денешниот состанок, присуствуваа Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
На состанокот присуствуваше и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.