Решение и наредба за нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла, издаде денеска Агенција за храна и ветеринарство по случајот со колење на десетина коњи во Зоолошката градина Скопје. Инспекциските служби на АХВ вчера попладне спроведоа вонреден инспекциски надзор во ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје, по добиената информација од МВР и медиумите дека таму нелегално се заклани десетина коњи, чие месо ќе се користи за исхрана на дивите животни.
-Со контролата, утврдено е дека во објект кланица со комора во зоолошката градина, кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, заклани се десет копитари, без соодветна документација, односно со непознат здравствен статус, неидентификувани и нерегистрирани и без соодветен документ за движење, иако истите на зоолошката градина и се отстапени на чување во соодветни услови од страна на Управата за извршување на санкции при КПУ- КПД Идризово. Во депото затекнати се и две живи животни, во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња, соопштија од АХВ.
Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде Решение и нареди нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла.
-За сторените прекршоци, против правното лице ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје и одговорното лице во него, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече соодветни казни согласно Законот за ветеринарно јавно здравство, Законот за безбедност на храна, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на животните, се наведува во соопштението.
На социјалните мрежи веќе може да се видат фотоси од објектот во којшто е вршено колење како и „складираното месо“. На фотографиите се гледаат исечени бутови од коњи, нафрлано месо на куп, потоци од крв низ дворот на импровизираната кланица… Оправдувањето на веќе сменетиот директор беше дека коњите биле болни и требало да послужат за храна на лавовите!?