Пребрзото возење одамна е еден од најчестите сообраќајни прекршоци што го прават скопските возачи. Но, се чини, некористењето на сигурносен појас како прекршок се повеќе станува зачестена појава кај жителите на метрополата кои седнуваат зад управувачот на нивните автомобили. Тоа, впрочем, го покажува и вчерашниот извештај за направените полициски контроли во текот на последниот ден од викендот на скопското подрачје.
-На територија на град Скопје изречени се вкупно 267 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 128 санкции, 31 мерка за некористење на сигурносен појас, 12 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за управување под дејство на алкохол, извести МВР.
Завчера, на пример, имало 17 казнети возачи поради некористење на сигурносен појас, а пред три дена се изречени 27 вакви казни… Но, и од она што може да се види на скопските улици бројот на возачите кои воопшто не користат појаси е уште поголем. Сето тоа води кон прашањето: Користат ли воопшто скопските возачи сигурносни појаси? Очиглено, многу малку и тоа веднаш укажува дека со тоа се намалува и безбедноста на возачите и сопатниците во случај на сообраќајни незгоди.
Истражувањата, инаку, покажуваат дека во Македонија, само околу 30 отсто од возачите користат сигурносен појас. Тој процент е уште помал кога се работи за сопатниците на предното седиште, а за патниците на задните седишта, процентот на лица кои користат појас е приближно еднаков на нула.
Во Македонија, според статистичките податоци, правилото за користење сигурносен појас, најмалку го почитуваат младите на возраст од 17 до 34 години.
„Не ставам појас затоа што ме стега – не можам да возам“, „Кога возам на кратка релација, не ставам појас – не се исплати“, „Ако било пишано, појасот нема да те спаси“…. Ова се најчесто употребувани изговори во нашето сообраќајно секојдневие.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во Македонија, правилото е јасно: возачот и лицата кои се превезуваат со возилото (во кое се вградени сигурносни појаси), задолжително треба да користат појас кога возилото се движи во сообраќај на пат. Секоја отстапка, секое непочитување на Законот, се казнува со 40 евра во денарска противвредност, додека за лицата кои се превезуваат со возилото (патниците), а не користат сигурносен појас, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.