Јуниорската репрезентација на Македонија вечерва ќе се бори за влез во елитниот дел од кошаркарските првенства во Европа. Нашите млади кошаркари ќе играат полуфинале против Бугарија на Европското првенство Б-дивизија.
Откако момците на Горан Андреевски ја совладаа Португалија во четвртфиналето, а Бугарите славеа против Швајцарија, си закажаа меѓусебно полуфинале. Победникот од овој меч ќе се избори за пласман во А-дивизијата на следното Европско првенство, како и финалето на турнирот.
Македонија втора година во низа има слична шанса, откако минатото лето младинците во селекцијата до 20 години играше финале на Европско првенство во Скопје.
Мечот меѓу Македонија и Бугарија во СЦ „Борис Трајковски“ се игра попладнево во терминот од 18:30 часот, а влезот во салата е слободен за навивачите.
Селекторот Горан Андреевски е задоволен од синоќешната победа над репрезентцијата на Португалија, верувајќи дека тоа може да се повтори и со Бугарија.
-Португалија ни беше најтежок противник досега. Не смее да нė залаже високата разлика со која победивме на крајот. Морам да кажам дека потрошивме премногу енергија, особено во одбраната. Како што кажав и пред натпреварот, клучот за победа е одбраната над нивните брзи бекови, а нашите играчи одиграа маестрална одбрана, вели селекторот по триумфот кој не донесе на чекор до пласман во „А“ Дивизијата“.