Белград и Приштина постигнаа договор за регистерските таблички, потврди високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел.
-Со радост ви соопштувам дека главните преговарачи на Белград и Приштина постигнаа договор за мерките, како би ја избегнале натамошната ескалација и во потполност се фокусираат на предлогот за нормализација на односите меѓу ни, напиша доцна синоќа Борел на Твитер.
Договорот предвидува Белград да престане да издава регистерски таблички со именување на косовските градови, а Приштина ќе ги прекине понатамошните акции поврзани со пререгистрација на возилата.
-Наредните денови ќе ги повикам страните да ги разгледаат следните чекори. Му изразувам благодарност на специјалниот претставник Мирослав Лајчак на напорната работа, додаде Борел.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи му се заблагодари на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер, за договорот што синоќа во Брисел го постигнаа претставниците на Косово и Србија. Османи во објава на нејзината страница на Твитер ја оцени како мошне значајна американската улога во процесот на преговорите меѓу Косово и Србија во спречувањето на ескалацијата на состојбите.