Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање на синоќешното отворање на Охридско лето се осврна на значењето на уметноста, претпознатливоста и реномето на фестивалот, а им посака и добредојде на уметниците. Порака упати и до угостителите во Охрид.
-Летната сезона во Охрид не трае долго и затоа квалитетот, а не квантитетот му прилега на овој древен скапоцен град. Токму затоа би сакала да пренесам една порака: поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет, ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да наплатуваат воена отштета или некои други ненамерни долгови. Ако овие зборови на луцидниот Душко Радовиќ допрат до нашите домаќини, им благодарам, рече министерката.
Свеченото отворање на фестивалот Охридско лето започна со концерт на светски познатата оперска дива Анџела Георгиу, која настапи со Оркестарот на Националната опера и балет на Република Македонија, под диригентската палка на извонредниот Чиприан Теодореску од Романија.