Костадиновски ќе ја оживува атрофираната функција на Уставниот суд – по сопствена иницијатива да се вклучи во заштитата на правната држава

Засилен судски активизам со цел да се рвати довербатана граѓаните во институциите и во правниот систем, најави денеска новиот претседдател на Уставниот суд Дарко Костадиновски. На брифингот со медиумите тој зборуваше и за новите кои планира да бидат воведени – пренесување во живо на седниците на Уставниот суд, оживување на атрофираната функција на судот за поведување постапки по сопствена иницијатива, воведување уставна тужба и уставна жалба и донесување закон кој ќе ги гарантира самостојноста и независноста на Уставниот суд…

-Судскиот активизам, односно оживување на една наша атрофирана функција, поведување постапки на сопствена иницијатива, исто така ќе биде високо на мојата агенда. Транспарентноста и отвореноста на судот кон јавноста ќе продолжи и она што планирам да го направам во мојот мандат ќе биде поинтензивна соработка и поголема присутност на науката во Уставниот суд, рече Костадиновски.

Тој додаде дека во наредниот период со сите релевантни фактори во општеството ќе разговара за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување уставен основ за донесување закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд.

-И тоа не каков било закон, моето инсистирање е да биде системски закон затоа што тоа е начинот на кој ќе се гарантираат самостојноста и независноста на Уставниот суд, објасни Костадиновски.

Тој посебно зборуваше за оживување на атрофираната функција на судот – по сопствена иницијатива, не само по иницијатива на граѓаните, да се вклучи во заштитата на правната држава, правната сигурност и владеењето на правото.

-Ќе направам сè што е во мојата моќ овој судски активизам да биде што е можно поприсутен. За сè што ќе наиде на интерес на јавноста или ќе побуди сомнеж кај мене како судија или кај кој било од судиите, затоа што не само јас туку и другите судии може да ја користат оваа алатка, ве уверувам дека ќе имаме засилен судски активизам, рече Костадиновски.

 

Претходна вестНадрилекар од Кочани ги „инхалирал“ граѓаните со индустриски гас
Следна вестГренобел е град со најдобар квалитет за живот