Костадиновски: Основите за престанок на мандат на уставен судија ги уредува Уставот

Основите за престанок на мандат на уставен судија ги уредува Уставот во членот 111 став 4, изјави синоќа претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Во интервјуто за Македонска телевизија тој одговори на прашањето врзано за дописот од Судскиот совет до македонското Собрание во кој се наведува дека уставната судијка Добрила Кацарска ги исполнила условите за пензија.

-Од медиумите дознав дека постои таква иницијатива, ние како суд немаме известување за релевантноста и постоењето на таква иницијатива. Основите за престанок на мандат на уставен судија ги уредува Уставот во членот 111 став 4. Јас не знам, ја немам видено релевантно содржината на таа иницијатива, не знам дали и како Собранието би постапило и од таа причина би се воздржал од коментар за ова. Она што е важно, доколку е релевантно тоа што го видов во некои од медиумите, не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд, но сепак во отсуство на официјални информации морам да се воздржам од коментар бидејќи знаете дека секој искажан збор обврзува и во овој момент нема да давам повеќе коментари, рече Костадиновски во централниот Дневник на МРТ.

-Во Уставот во член 111 став 4 е наведено дека на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста и ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.

Според пишувањето на дел од медиумите, дали Добрила Кацарска ќе биде разрешена треба одлучи Собранието, на кого му е посочена судска пракса од одлуки на Управниот суд, каде што судии, членови на Судскиот совет тужеле затоа што предвреме им бил прекинат мандатот од 6 години, само затоа што наполниле 64 години, се пензионирале и на тој начин го изгубиле статусот на активен судија. Управниот суд зазел став дека не може судија кој е веќе пензиониран да биде член на Судскиот совет, бидејќи тој потекнува односно се избира од редот на активните судии. Па, оттаму, штом нема мандат како судија, не може да врши ни функција на која бил избран како судија.

Претходна вестЛабуристите со убедлива победа на изборите во Британија, Стармер со апсолутно мнозинство
Следна вестМлад скопјанец преживеал хорор – го киднапирале и го натерале да се самозапали,  едвај се спасил