Костовски: Еуростандард е убиена, односно однесена во стечај со умисла

Еуростандард банка била намерно однесена во стечај и тоа бил планиран чин од сивата еминенција која владее со Македонија. Ова го тврди Трифун Костовски при презентацијата на резултати од истрагата за стечајот на Еуростандард банка, пренесува Макфакс.

– Јавното обвинителство, Антикорупциска и финансиска полиција беа уредно поканети, но не се дојдени, што е знак дека нашата земја нема намера да се занимава со ова зло. Во мојата потсвест како инвеститор во банката не ми било цел да направам измама и да ја однесам мојата банка во стечај. Сакам да изнесам факти дека Еуростандард е убиена, односно однесена во стечај со умисла. Оној момент кога почнавме да трагаме по парите, каде се парите завршени, тогаш се донесе одлука од сивата еминенција која го владее економскиот живот во Македонија. НБРМ го направи сатарот по вонредни парламентарни избори без формирани Собрание и влада. Претседателот Талат Џафери беше информиран за настанот, а тој рече дека бил прескокнат деловникот за работа на НБРМ, рече Костовски.

Тој посочи дека нема да се повлече ниту од тврдењето дека фирми блиски до Зоран Заев биле дел од организираната шема да се уништи банката, односно многу фирми блиски до СДСМ повлекле кредити без покритие.

– Има симбиоза помеѓу Народна банка и Комерцијална банка, а тоа трае со децении назад. И промовирањето на гувернери на НБРМ е под ингеренција на Хари Костов од Комерцијална. А без банкарски сектор, организиран криминал немате, вели Костовски.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ рече дека тоа што го има во извештајот е врв на она што се случува во банкарскиот сектор.

– Имавме недоволно информации за тоа што преземале надлежните органи и институции за оваа состојба да се спречи. Укажувавме на проблемите во банкарскиот сектор до обвинителството и до гувернерот на НБРМ, но ништо не беше преземено. Ова што ние го видовме во независниот извештај е само врв на она што се случува во банкарскиот сектор. Целта со извештајот е да предизвикаме реакции од институциите, посочи Тасева.

Еуростандард банка е само една алка во синџирот организиран банкарски криминал со незаконско финансирање од банки кон компании, а Народната банка и институциите во Македонија знаат, откри меѓународниот експерт за организиран криминал Драго Кос при презентацијата на извештајот за стечајот во Еуростандард банка.

– Во Македонија од 2004 до 2020 е поставен систем за незаконско финансирање од банките. Во еден од случаите, банката А дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден отишол во банката Б, па оттаму истиот кредит со позајмица во друга фирма, па во друга банка, а еден ден подоцна, кредитот се враќа во банката А. Банките одредувале каде компаниите ќе даваат позајмици. Од овој систем заработувале банките. Во тој систем имало седум банки, 45 компании и едно физичко лице кое било активно во шемата, рече Кос.

Претходна вестЛевица: Дали министерот Спасовски ќе биде повикан на сослушување за случајот „Беса Транс“?
Следна вестМијалков се појави во затворот во Струга на отслужување на казната