Научно-истражувачката дејност е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум, констатира денеска претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев. Повод за неговата колумна објавена во весникот„Нова Македонија“ е неврачувањето на наградата „Гоце Делчев“ на годинешните добитници.
Тој воедно се осврнува и за состојбара на македонското образование велејќи дека денес живееме во време на експанзија на науките, во ера во која науката стана главен лост, argumentum ad veritatem на развојот и напредокот на современите општества. Но, како што нагласува тоа не е случај и на македонското општество.
-Појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет. Долго време верував дека тоа што се случува во Македонија, особено во секторот образование и наука, е од неукост. Но денес не мислам така. Секторот образование и наука е системски, планирано и намерно уништуван со години. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите, веќе неповратно доведоа до дно на дното, состојба од која враќањето назад е речиси невозможно. Решенија има, за нив веќе пишував во „Нова Македонија, но не верувам дека тие ќе допрат до политичките врхушки, истакнува во колумната академик Коцарев.
Инаку во врска со наградата, академикот потенцира: „Требаше, по двегодишно недоделување на наградата, конечно да биде врачена на 4 мај. Но тоа, сепак, не се случи. Дилемата дали ваквиот однос спрема наградата се должи на статусот на науката во Македонија, името на наградата, или е поврзано со нешто сосема трето, ќе остане за решавање во некои други (не)времиња“.
Целата колумна на академик Коцарев може да ја прочитате ТУКА.