Коце Трајановски: Шилегов го задолжи Градот за 30 милиони евра, каде отидоа парите?

За последните три години градоначалникот Петре Шилегов го задолжил Градот Скопје за 30 милиони евра, каде отидоа тие пари?, праша синоќа поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски. Во интервјуто на телевизијата Сител тој рече дека во градот речиси ништо не е сменето и дека ова е период на неработење и нереализација на ветените проекти.

– Во Градот Скопје како градоначалник имав оставено 14-тина проекти за кои можеше веднаш да се почне со реализација, меѓутоа не се завршија. Жал ми е што не се заврши булеварот „Борис Трајковски“, кој ги поврзува Драчево и Пинтија кои населби имаат повеќе од 50-тина илјади жители, исто така и улицата „Есенинова“ која ги поврзува општината Аеродром и општината Кисела Вода, но исто така не се ни почна, а беше ветувано дека ќе се пробие булеварот „Илинден“ со мост над Вардар, па уште еден мост над станицата спрема „Даме Груев“ кон обиколницата, но и тој проект не се реализираше, истакна Коце Трајановски.

Тој укажа и дека многу доцни и реализација на проектот за Луна паркот.

-Тој доцни веќе три години, истиот беше оставен во завршна фаза, беа набавени седум реквизити, но тие справи стојат некаде во магацин, па жално е што до сега градот Скопје нема забавен парк, рече Трајановски.

Во однос на Универзална сала поранешниот градоначалник, исто така, рече дека беше оставен нов проект за салата.

-Под притисок на јавноста се одлучи повторно да се реконструира, но морам да кажам дека Универзалната сала не може да биде реконструирана, затоа што стручните лица уште тогаш рекоа дека нејзината конструкција е толку стара што не може да издржи повторна реконструкција, туку треба од темел да се направи нова конструкција, вели Трајановски.

Во однос на загадувањето на воздухот Трајановски додаде дека не се реализирани ветените мерки.

-Шилегов и Макрадули протестираа, а сега веќе ги нема ни организациите кои протестираа, Се шетаа со маски тогаш и ветуваа дека имаат програма за справување со загадувањето, како и дека многу брзо ќе го решат овој проблем, меѓутоа не само што не го решија проблемот со загадувањето туку Скопје влезе во првите пет најзагадени градови во светот, нагласи поранешниот градоначалник.

Претходна вестМагливо и облачно на првиот зимски ден
Следна вестДонесен Буџетот за 2021 вреден 4 милијарди евра, за опозицијата расипнички се крадат парите од граѓаните