Ковачевски: Бугарија треба да ги почитува правата на Македонците

Порака дека Бугарија треба да ги почитува правата на граѓаните кои се самоопределуваат како Македонци, упати денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Коментирајќи на прашање за македонското малцинство во Бугарија при денешната посета на Клиниката за гастроентерохепатологија тој потсети дека постојат пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, кои што Бугарија ги нема спроведено до денес.

-Затоа јас денес ги повикувам уште еднаш бугарските власти да ги почитуваат одлуките, согласно со европските правни норми за заштита на малцинските права, и на тие граѓани кои што се самоопределуваат како Македонци. Сепак тоа се граѓани и на ЕУ, бидејќи Бугарија е дел од Унијата, нагласи Ковачевски.

Ковачевски потенцира дека истото треба да се случи како што е и во Македонија, каде се почитуваат правата на сите малцинства.

-Има граѓани во Бугарија кои што се самоопределуваат како Македонци и нив им припаѓаат правата кои треба да им бидат овозможено да ги остварат. Има политичари во Бугарија, но и секаде, што сакаат да ги нарушат односите меѓу соседни држави. Постојат и поединци ко иработат за трети страни. Треба да имаме институционални односи со сите наши соседи, како што имаме со Србија, Албанија и другите. Нашите институции секогаш постапуваат согласно правилата на меѓународното право, кажа премиерот.

Претходна вест400 евра за загубен гем, 3.000 за пораз, 181 тенисер под истрага за местење натпревари
Следна вестВо знак на одмазда, Американците извршија повеќе воздушни напади во Сирија