Ковачевски: Решението со Бугарија мора да содржи гаранции дека ќе нема други барања

Во моментов кај нас нема дојдено предлог на француското претседателство кој е усогласен на ниво на сите земји членки на ЕУ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски запрашан за францускиот предлог со кој треба да се деблокира патот на државата кон ЕУ.

Одговарајќи на новинарски прашања на Преспа форумот за дијалог во Охрид, тој рече дека францускиот предлог треба да биде доставен до наша земја откако прво ќе се усогласат земјите-членки на ЕУ.

-Доколку земјите членки на ЕУ вклучително и Бугарија доколку усогласат предлог во однос на проширувањето на следниот самиот тој ќе биде испратен до нас и ние ќе го разгледаме, нагласи Ковачевски.

Тој потенцира дека за решението за спорот со Бугарија се потребни и гаранции дека ќе нема нови бугарски барања.

-Ги кажав нашите позиции, тие се јасно дефинирани и во Собранието, нема разговори за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет и решението треба да содржи севкупно решение и гаранции дека со ова веќе нема да постојат никакви други барања во однос на нашето напредување во интеграцијата со ЕУ, рече премиерот.

Претходно, во настапот на Преспа Форумот за дијалог тој порача дека дискусиите на Балканот најчесто се водат за минатото и за историјата.

-Постојат политичари кои што уживаат да зборуваат за теми од историјата, особено од соседството. Историските теми се и најлесни теми за говорење бидејќи кога им зборувате на граѓаните за историја тогаш ништо и не им ветуват. Најтешко е да зборувате на граѓаните за економија бидејќи тогаш се ветува и тогаш граѓаните имаат очекувања за подобар животен стандард. Ќе зборувам за сегашноста и за плановите за иднината, за се она што ние како земја во соработка со земјите од регионот и нашите стратешки партнери го реализираме со единствена цел економски развој и подобра стандард за граѓаните, рече Ковачевски

Тој додаде дека е загубено драгоцено време за евоинтеграциски процес на Македонија.

 

Претходна вестАприлска статистика: Најмногу нови станови ќе се градат во Гази Баба
Следна вестБританија одобри екстрадиција на Џулијан Асанж во САД