Како и секогаш до сега премиерот Димитар Ковачевски и при донесување на државниот буџет покажува решителност давајќи многу ветувања. Па така во интервју за МИА вели:
-Од овој буџет јас очекувам резултати. И ќе инсистирам да ги има, вели Ковачевски.
Според него Предлог-буџетот не само што е реален, туку е и рационален и скроен да одговори на предизвиците поврзани со енергетската криза. Тој верува дека ќе има успешна реализација на капиталните расходи и вети многу градење низ Македонија:
-Во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици…, набројува премиерот.
Воедно тој објаснува дека Владата многу штедела.
-Набавката на нови возила е намалена за над 33 милиони денари, како и за останати расходи и репрезентации, која исто така е намалена за над 62 милиони денари, подвлекува Ковачевски.
Тој напоменува дека „лично се заложил и ќе се залага овој буџет да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата“.
-Овој буџет е основата за нашата визија за стабилна, економски просперитетна и напредна Северна Макеоднија, идна земја членка на Европската Унија, вели тој.
Очекувано, го спомена и менувањето на Уставот на Македонија.
-Скринингот си тече како што и беше планиран, и пред нас сега се уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување, вели Ковачевски.
За него нема дилема „ние немаме друга алтернатива освен членството во ЕУ. И тој пат до ЕУ нема да е лесен, но мора да се изоди“.
Својата решителност и визија тој ја запечатува со зборовите:
-Јас сум рационален оптимист на темата полноправно членство, односно, се надевам дека тоа ќе се случи, но работам напорно да ги исполнам поставените цели за да обезбедиме услови тоа полноправно членство да се случи, поентира премиерот.