Ковачевски ќе ја гушка премиерската фотелја, a веќе и вети дека ќе и се врати

Ситно брои владата на ДУИ и СДСМ. Веќе утре наутро сите министри сосе премиерот ќе бидат во оставка. Што сработеа, сработеа за доброто на народот во Македонија, сега ќе чекаат народот да ги оцени.

Додуша некои од министрите пак ќе се министри во техничката влада, ама на пример на премиерот Ковачевски му остануваат уште неколку часа од збогувањето со удобната владина фотелја. Ќе треба Димитар Ковачевски да си ги собере во кутија личните работи од огромната канцеларија, ќе треба…

Се претпоставува дека веќе се почнати тешките моменти на разделба од кабинетот, владината зграда, скапата црна лимузина…

Ќе има ли гушкање на фотелјата пред заминување можеби ќе се дознае до утре наутро. Но, уште сега се знае дека Ковачевски и вети на премиерската столица дека ќе се врати и пак ќе си седне во неа.

–На парламентарните избори пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер, нагласи пред извесно време Ковачевски.

Ќе доживее ли барем фотелјата исполнување на ветувањето на премиерот? Многу други ветувања кои Ковачевски ги даде до народот не беа исполнети. Може па фотелјата ќе има среќа.

За овој случај – среќата ќе ја дели македонскиот граѓанин на избори.

 

Претходна вестМашиновозачите во Германија со најдолгиот штрајк досега
Следна вестСтејт департмент: Косово да ја преиспита одлуката за укинување на динарот