Ковачевски: Лага е тоа што го кажува Николоски за Договорот со „Бехтел и Енка“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е лага и ширење невистини тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во врска со Договорот за коридорите 8 и 10 д со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според премиерот, ВМРО-ДПМНЕ повторно потврди дека единствено знае да шири хистерија и лаги и да го блокира Собранието. Тоа го правеше, нагласи, со сите битни законски решенија и со сите големи инфраструктурни проекти.

-Тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е една обична лага и ширење невистини, како што прават неговите колеги и неговиот претседател кој цел ден само се заканува и ништо не работи. Договорот со „Бехтел и Енка“ е јавно потпишан врз основа на посебен Закон, одобрен во Собранието од сите пратеници. Ги има поминато сите законски процедури за склучување. Договорот во над 400 страници ги дефинира условите за изградба на автопатот. Има и измени на неколку закони за обезбедување услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи делници. Намерата е да се изгради модерен автопат за пет години, со сума соодветна за таков проект. Пратениците имаат можност да ги одобрат тие одредби според процедурите. Сите други одредби во законот се согласно специјалниот закон што е донесен, рече Ковачевски.

Во врска со наводното зголемување на работната недела од 40 на 60 часа, тој повторно кажа дека се работи за законска измена што се однесува само на ваков стратешки проект од национален интерес. Iнтенцијата е, на секој работник кој ќе сака да работи повеќе од законски пропишаното, доброволно, да му биде платен секој прекувремен час и да добие 50 отсто поголема дневница во недела.

-Со тоа ќе останат повеќе пари во државата, ќе се забрза изградбата на коридорите и ќе се намали сумата на чинење на проектот. Останува на пратениците тоа да го разгледаат, рече Ковачевски.

Премиерот соопшти и дека денеска министерот за транспорт и врски и претседателот на Управувачкиот комитет за коридорите 8 и 10д ќе имаат брифинг со медиумите, на кој ќе може да се информираат за сите детали и прашања околу овој проект.

-Сите лаги што ги кажува ВМРО-ДПМНЕ ќе се демантираат. Единствено што гледаме секое утро се лаги, невистини и хистерија кои ги шири опозицијата. Се што кажаа досега, излажаа, така размислуваат, истакна Ковачевски.

Претходна вестАрсовска го „препаркира“ Крсте Петревски за директор во ЈСП „Скопје“
Следна вест37-годишен маж прво претепал, а потоа допирал малолетно девојче